Очекувам во текот на утрешниот ден некои податоци кои што ќе ги објават институциите да бидат пријатно изненадување и потврда на нашите политики на краток рок, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски на свеченото одбележување на 22-годишнината од формирањето на неговиот коалиционен партнер Демократските сили на Ромите.
Премиерот истакна дека октомври е прв месец којшто после долги години државата го завршила со суфицит, односно заработила повеќе отколку што потрошила.
– Очекувам дека во текот на утрешниот ден, некои податоци кои што ќе ги објават институциите ќе бидат пријатно изненадување и потврда на нашите политики на краток рок. Месец октомври беше прв месец, којшто после не знам колку години го завршивме со суфицит, односно повеќе заработивме, отколку што потрошивме во Буџетот. Тој суфицит е 1 милијарда и 125 милиони денари, нешто што до вчера претставуваше невозможна мисија, ние денеска тоа го реализираме во пракса, рече Мицкоски.
За утре, според објавата на веб страната на Државниот завод за статистика, треба да бидат објавени најновите податоци за трошоците на живот, а прес-конференција има најавено и Народната банка на која треба да бидат објавени есенските макроекономски показатели.
Во врска со надворешната политика, премиерот рече дека државата успеала достоинствено и аргументирано да се претстави пред нејзините партнери, за што, рече, резултатите се веќе видливи.
– Се боревме достоинствено да се претставиме и аргументираме пред нашите партнери на меѓународната сцена и мислам дека успеавме и дека резултатите се веќе видливи. На маса седиме со најголемите светски велесили. На маса бевме со канцеларот Шолц, на маса бевме и со поранешниот претседател на САД, на маса бевме со најблиските соработници на новиот претседател на САД, кои што дојдоа кај нас во Скопје и разговаравме за иднината, за економијата, за проекти кои што се повеќе проекти на 22 век, рече Мицкоски.
Средбата со најблиските соработници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, премиерот ја оцени како шанса која што „никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат“, и затоа, смета дека државата мора да го искористи тоа на правилен и достоинствен начин.
– Денеска ги видовме истите луѓе кои што беа пред некој месец тука со нас, рамо до рамо заедно со новоизбраниот претседател на САД (Доналд Трамп). Тоа се луѓето што ќе бидат во најблиската негова околина, од негова администрација, шанса која што можеби никогаш во историјата сме ја немале како држава и шанса која што можеби никогаш во историјата генерациите ќе ја немаат, затоа ние мораме да го искористиме тоа на правилен и достоинствен начин за да можеме да го одбраниме тоа што нашите претходници го продадоа последниве седум години, рече Мицкоски.
Нема простор за грешки, додаде, бидејќи државата треба со крупни чекори да оди напред за најпрво да ги стигне земјите од регионот, а потоа и развиените европски држави.
– Нема да толерирам како претседател на Владата никаква импровизација, неработење или не дај боже некој да го извалка сопствениот образ, мојот образ и образот на граѓаните. Нема повеќе простор за било каква грешка, треба со крупни чекори да одиме напред за најпрво да ги стигнеме земјите во околината, а потоа и развиените европски држави, рече Мицкоски.