Утрински Весник
Македонија

Мицкоски очекува Обвинителството да го расчисти случајот со прислушувањето

20250904134423 big 730x400 74.webp.webp

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Обвинителството до крај да го расчисти случајот со прислушувањето кое го вршеле лица од АНБ и АР, за, како што истакна конечно да се стави крај на злоупотребата на ресурсите на овие служби.

-Традиција е кога СДСМ е во Владата и кога СДСМ управува со службите во државата ВМРО-ДПМНЕ да биде следена. Тоа што можам да го кажам веќе го кажав во мојата изјава кога добивме информација за тоа што се случувало во периодот кога бев претседател на најголемата опозициска и најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. По природа на нештата логично е сега како претседател на Влада да добивам такви извештаи. Тоа не е нешто чудно и страшно. Очекувам од Обвинителството до крај да го истераат овој случај, изјави Мицкоски при посетата на Општина Брвеница во одговор на новинарско прашање за тезите на опозицијата како наводно материјалите се нашле кај жртвите кои биле прислушкувани.


Според него, во опозицијата и во СДСМ постои вознемиреност.

-И треба да бидат вознемирени затоа што со децении се злоупотребуваат ресурсите на службите порано на УБК, сега на АНБ и АР. Така што, ценам дека еднаш за секогаш треба да се стави крај на злоупотребата на ресурсите за да влегуваме во туѓите човечки животи. Бедни се тие луѓе кои наместо со себе се занимаваат со други луѓе, рече македонскиот премиер.

Во врска со декласификација на документите, нагласи тој, Обвинителството е тоа што може да одлучи и да го направи, а не Владата.

-Тој што ги лиферува тие информации или е правен аналфабет или сака да ја политизира работата, рече премиерот Мицкоски.

Неодамна АНБ информираше дека вработени оваа агенција се занимавале со следење сегашниот премиер и тогашен лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и на новинари и со бизнисмени. Мицкоски и актуелниот директор на АНБ Бојан Христовски пред неколку дена на одбележувањето на годишнината од основањето на АНБ, ги потврдија информациите, но не посочија детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, излегоа со став дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.

Можете да прочитате

Во Небрегово промовирана книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“

Гаши за утре закажа седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР

„Ваш пратеник“ – почна емитувањето на серијалот емисии со пратениците на Собраниски канал