Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Нема предавство со Бугарија!

Img 8938.jpeg

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  се обрати од  народниот митинг одржан во општина Прилеп, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври.

Мицкоски во својот говор се осврна и на националните теми на францускиот предлог и договорот со Бугарија и истакна  дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите е чиста капитулација, а ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи предавства и потценување на државата.


„Во однос на националните теми и францускиот предлог и договорот со Бугарија сакам да му порачам една јасна работа – дека има разлика од капитулација и борба. Капитулацијата е најлесна, и само човек без морал може да ја гледа како визија и одлучност. Не треба одлучност и визија да ги продадеш националните интереси, за тоа ти треба едноставно да немаш морални граници и елементарно чувство за тоа што е национален интерес. Затоа ви е чудно кога не попуштам со Бугарија и кога се борам заедно со луѓето од Владата. Најлесно е да капитулираш, најтешко е да се бориш. Во борбата ќе имаш и неуспеси, и сопки од домашни предавници, кои ќе ти работат зад грб, но секогаш ќе знаеш дека победата е одговорност а целта е највисока, одбрана на националните интереси. Во борбата секогаш ќе знаеш дека народот е на твоја страна се додека гледаат во тебе искреност и чесност во намерата. Одговорно тврдам дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите беше чиста капитулација и тоа во некои случаи директно поврзана со корупција на високи функционери, но ќе дојде време и за тоа ќе зборуваме повеќе.  Консензус со СДСМ за прашањето за Бугарија е исто како да имаш консензус со крадец на банки да отвориш банка. Додека нема јасен план со јасни и гаранции со кои ќе се врзат рацете на секој што сака да направи предавство и сега и во иднина нема шанси за разгвор на оваа тема“ кажа Мицкоски.

Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на 19 октомври.

„Доаѓа време на работа, време на чест, време на резултати! И кога ќе ја погледнеме иднината, ќе можеме да кажеме со гордост: Да, ова беше вистинскиот избор. Ова беше нашиот човек. Ова е нашето место. И да, ние ова место го одбранивме, и заедно ја изградиме нашата иднина. На 19 октомври да гласаме за број 9“ заклучи Мицкоски.

Можете да прочитате

ИО на СДСМ донесе одлука за исклучување на Петре Шилегов

Шилегов по одлуката на ИО за исклучување: Утре ќе дадам коментар имам многу што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица

Доброволните пожарникари од Кочани: Пораката „горе има жртви“ беше најтешкиот момент од интервенцијата во „Пулс“