
„Владата нема да се реконструира пред локалните избори“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната конференција.
Прашан дали се планира реконструкција на Владата пред локалните избори, премиерот кусо одговори: „Не“.
Премиерот повтори дека Владата работи заедно.
,,Односите во Владата се одлични“, рече Мицкоски.
Изминативе денови дел од медиумите пишуваа за пореметувања во коалицијата од албанскиот политички блок „ВЛЕН“ и за заминувањето на министерот за здравство Арбен Таравари од оваа коалиција.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој е дел од коалицијата „ВЛЕН“, денеска во изјава за медиумите, на прашањето какви се односите меѓу политичките субјекти во коалицијата, рече дека „никој не се сомнева, освен претседателот на Алијансата за Албанците и министерот за здравство, Таравари, кој ги гледа можностите за соработка со ДУИ.
Таравари викендов пред почетокот на партиското Собрание што се одржуваше во Гостивар рече дека Алијансата за Албанците е дел од коалицијата „ВЛЕН“ и дека ќе се трудат до крај да најдат решение, ако не, самите ќе излезат на избори. Таравари категорично демантираше можна коалиција со поранешниот сопартиец Зијадин Села.