
На денешниот брифинг со новинарите, премиерот Мицкоски рече дека нема да се прифатат сите барања од ЕК во делот на законите, особено нема да се префати барањето за либерализација на цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи, како што посочи, тоа ќе значи зголемување на цената за два до три пати особено во првите три години од либерализацијата.
-Нема да го прифатиме ни барањето за зголемување на средствата за судиите и обвинителите кои во измените на законите бараат за судството да се обезбедат 1,3 отсто од БДП годишно или двојно повеќе отколку што е во моментов. Тоа би значело 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Лично сметам дека и овие плати што ги земаат во моментов не ги заслужуваат зошто имаат рејтинг од само 2 отсто. Со тоа што го бараат платите на судиите и обвинителите би се движеле од 300 до 350 илјади денари месечно. Затоа побаравме од Министерството за финансии да направи компаративна анализа колку се одвојува за судството во Германија, Хрватска, Унгарија,… и тоа да и го презентираме на ЕК, рече Мицкоски.
Нагласи дека првичните резултати од анализата покажуваат дека во Германија за судството се одвојуваат многу помалку средства од буџетот отколку што се одвојуваат и бараат од нас.