Утрински Весник
Економија

Мицкоски: Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати и евтина работна сила

20251206123545 big 730x400 52.webp.webp

Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин – од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, порача премиерот Христијан Мицкоски на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Кавадарци.

Осврнувајќи се на економијата во својот говор пред присутните, Мицкоски рече дека државата мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз и да премине кон економија заснована на знаење, технологија и иновации.

– Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области: индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии – ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис-секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет. Домашните компании мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка: капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и стимули за раст. Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди – се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност, рече Мицкоски.

Зелената економија, како што посочи, не е идеолошки проект, туку државна потреба и мора да се инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да се намали зависноста и да се создаде нова економска динамика.

– Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија, нагласи Мицкоски.

Посочи десет принципи кои ја дефинираат парадигмата на модерното водство – достоинство пред сè, правда како единствен легитимен авторитет,  знаење како највисока форма на капитал, држава силна, но не и доминантна, нација како заедница, пазарна економија која создава можности, институции кои се јадро на демократијата, европска ориентација како цивилизациска определба – не тактика, туку вредност, технологија и одржливост како нови облици на развој и општество кое се гради со доверба.

Можете да прочитате

Цените на нафтата се пратија на нивото под 100 долари за барел

Цените на нафтата експлодираа, ИЕА апелира до секоја земја да ослободи дел од своите резерви

Цената на дизелот во Македонија со најголем раст споредено со земјите во регионот