„Подготвен сум да разговарам било каде и со било кого со цел да најдеме решение со кое ќе се одблокира пристапниот процес, но кое ќе биде трајно, а не само инстант. Решение кое ќе овозможи достоинствени преговори до самиот крај,“ порача премиерот Христијан Мицкоски од Њујорк.
Во интервју за МРТВ, Мицкоски истакна дека ќе патува и ќе седне на маса со секој кој може да помогне во постигнување на овој договор, додавајќи дека би остварил средба и со премиерот на источниот сосед.
„Единствената моја порака ќе биде: ако договорите важат за нас, тогаш треба да важат и за нив, а билатералните прашања да не бидат дел од преговарачкиот процес,“ нагласи тој.
Мицкоски се осврна на средбите во САД со високи американски функционери, истакнувајќи дека наишол на големи симпатии за сето она што Македонија го има направено за европските интеграции.
„Проблемот е како да го одблокираме овој процес на достоинствен начин. Претходната влада прифати нешто што не успеа да го испорача, создавајќи објективен проблем за интеграциите. Сега сме исправени пред сизифовски тежок предизвик, но со градење сојузништва и пријателства, верувам дека ќе најдеме решение,“ порача Мицкоски.
Тој посочи дека стратегијата на Македонија е да ги презентира своите позиции јасно и гласно, создавајќи сојузници во меѓународната заедница.
„Ако европските критериуми се базираат на постигнувања, а не на билатерални прашања, тогаш многу скоро може да се одблокира пристапниот процес,“ додаде премиерот, изразувајќи оптимизам за иднината на европските интеграции на Македонија.