
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го критикуваше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, оценувајќи дека неговата реакција по објавувањето на видео со службено возило на ССМ била недолична за јавна личност.
Повод за реакцијата е видео објавено од пратеничката Дафина Стојаноска, во кое, според нејзиниот опис, се прикажува како Трендафилов со службено возило извршува приватни обврски, додека во автомобилот се наоѓаат и неговите две деца.
Мицкоски изјави дека поради употребениот речник, Трендафилов треба јавно да ѝ се извини на пратеничката.
„Сите оние навреди што ги кажа заслужуваат во најмала рака денеска пратеничката Дафина Стојаноска да добие извинување од негова страна. Доколку тоа не го стори, уште еднаш ќе ја пропушти шансата да видиме човечки материјал во него“, изјави премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на најавите за генерален штрајк и барањата на синдикатите, Мицкоски оцени дека стратегијата на ССМ е политички мотивирана и дека, како што рече, опозицијата го користи Трендафилов како „прокси“ за напади врз Владата. Тој додаде дека јавноста, според него, наскоро ќе види кои лица стојат зад блокадите и нивната поврзаност со опозициските партии.
Премиерот нагласи дека Владата ќе ги искористи законските механизми за усогласување на платите и покачување на минималната плата согласно законските прописи, потсетувајќи дека со 99 проценти од вработените каде што Владата е работодавач веќе се потпишани колективни договори со важност до 2028 година.
Мицкоски истакна дека Владата останува отворена за дијалог во рамки на институциите, вклучително и преку Економско-социјалниот совет, додавајќи дека општиот колективен договор може да биде предмет на нови преговори.


