
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање на самитот, ја истакна важноста на апликацијата m.Uslugi за иднината на дигиталната трансформација на Македонија:
„Со гордост ја претставуваме апликацијата m.Uslugi. Таа е симбол на новата ера – сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба.“
Премиерот упати посебна благодарност до министерот Стефан Андоновски и неговиот тим за, како што рече, „жестоката и напорна работа“ во реализацијата на оваа иницијатива.
Со оваа апликација, Македонија прави крупен чекор кон дигитална трансформација, обезбедувајќи модерен, ефикасен и безбеден пристап до јавните услуги за секој граѓанин.
Апликацијата е во тест фаза наменета за тестирање со реални податоци. Секој заинтересиран тестер, корисник, програмер може да ја симне на начин опишан во прикачениот документ со QR код и инструкции за инсталирање на апликацијата. По добивањето на мислења од корисниците, финалната прва верзија од апликацијата ќе биде достапна до крајот на годината. Затоа, ги повикуваме сите заинтересирани ентузијасти да ја симнат, тестираат и дадат коментар за супер апликацијата м.Услуги.