Поради продор на поладен атмосферски фронт на висина, денес (сабота) во попладневните и во вечерните часови ќе дојде до поголема дестабилизација на атмосферата во Македонија, особено во западните, северозападните, северните, како и во делови од централните предели од државава. Токму ова дестабилизација на атмосферата ќе услови локален развој на грмотевични облаци кои ќе условат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во ваква ситуација, локално во погоре споменатите предели ќе има појава на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер (над 60 км/час) и со појава на град. Апелираме во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
И во делови од Скопската котлина денес (сабота) во попладневните и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, заислен веѕер и со услови за појава на невреме.
Утре (недела) во попладневните часови повеќе нестабилност ќе има во западните и југозападните предели од државава која ќе услови локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а ќе има услови и за појава на краткотрајно невреме.
Што се однесува до температурите, тие денес ќе се искачуваат во интервалот од 33 до 39 степени, додека мал пад на истите ќе има утре (недела) кога максималните температури ќе се искачуваат во интервалот од 30 до 37 степени. Во Скопје температурата за време на овој викенд ќе се искачува во интервалот помеѓу 35 и 37 степени.
На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување на невреме “НОТАС” и истата е од голема корист за секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/