Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел вчера на пригодна церемонија во главниот град на Брегот на Слоновата Коска ја прими наградата за мир на УНЕСКО „Феликс Хуфует-Буњи“, за одлуката да прифати голем број бегалци во нејзината земја во 2015 година.
„Одборот сакаше да ја препознае храбрата одлука што ја донесовте во 2015 година да прифатите повеќе од еден милион бегалци, додека во исто време толку многу бараа затворање на Европа. Вие бевте олицетворение на политичката храброст во тој момент“, рече Одри Азулај, генерален директор на УНЕСКО.
„Да ги почитуваме, штитиме и споделуваме човековите права со другите е задача на сите нас. Решивме да ги почитуваме овие принципи во нашата миграциска политика. А тоа беше можно само затоа што многу луѓе ги засукаа ракавите на земја“, возврати Меркел.
Меркел, која ја водеше Германија 16 години, прими повеќе од 1,2 милиони бегалци и баратели на азил во 2015 и 2016 година во екот на мигрантската криза поттикната од војната во Сирија.
На доделувањето на оваа награда која беше воведена во 1989 година беа поканети околу две илјади луѓе, а досега меѓу другите ја добија Нелсон Мандела, Јасер Арафат, Јицак Рабин и Франсоа Оланд.