
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека не е убеден оти решение прифатливо за Украина ќе се најде до рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп врз основа на предлогот за мировен план на САД, објавува британскиот весник „Гардијан“.
Тој оцени дека договорот е сè уште „многу далеку“.
-Денеска е недела. Планот на претседателот Трамп е да се постигне договор во четврток. Тоа не значи дека е целосно невозможно… Но, јас сум скептичен дека таков исход е можен со оглед на моменталните разлики, рече Мерц на маргините на самитот на Г20 во Јужна Африка.
Трамп ѝ даде рок на Украина до четврток следната недела да се согласи со планот од 28 точки.
Сепак, тој рече дека планот не е „конечна понуда“ и дека роковите би можеле да се продолжат ако процесот „оди добро“.


