
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски в понеделник ќе се сретнат во Берлин на разговори посветени на економските прашања и на најновите предлог иницијативи за ставање крај на војната во Украина, соопшти денеска владиниот портпарол Штефан Корнелиус.
На состанокот, кој ќе продолжи и вечерта, ќе им се приклучат и повеќе европски шефови на држави и влади, меѓу кои и претставници на Европската унија и НАТО, јавува ДПА. Клучна тема ќе биде американскиот план за мир, чиј центар е пакетот безбедносни гаранции што САД и другите западни партнери би му го понудиле на Киев во случај на постигнување договор. Од ноември наваму се одржуваат повеќе рунди разговори меѓу Вашингтон, Киев и европските земји, при што се разменуваат амандмани и контрапредлози за да се најде прифатлива рамка.
Првичниот предлог од САД беше остро критикуван од одделни аналитичари, кои го оценија како „список на желби за Русија“, со оглед на предвиденото откажување на Украина од членството во НАТО и повлекување од делови од источниот дел на земјата. Украина, со поддршка од своите европски сојузници, работи на сопствени предлози и измени со цел обезбедување фер и одржлив мировен договор што нема да го наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.


