Утрински Весник
Македонија

Мемов: Стабилизацијата на пензискиот систем бара координирана активност на повеќе чинители во државата

20251112153507 big 730x400 35.webp.webp

Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов учествуваше на меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, во организација на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија. Во своето обраќање истакна дека реформата на пензискиот систем сама по себе придонесе во подобрувањето на состојбите, но, како што рече, се уште има  предизвици.

-Еден од најголемите предизвици е дефицитот во буџетот на Фондот, кој се провлекува со години, кој е резултат на повеќе чинители, меѓу кои недоволниот број на осигуреници наспроти се поголемиот број на пензионери, издвојувањата од придонесот за ПИО за вториот столб, како и придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, што паѓа на товар на Фондот, рече Мемов.


Посочи дека други предизвици кои имаат и ќе имаат се поголемо влијание во наредниот период се стареењето на населението и намалувањето на работоспособното население поради помалиот наталитет со кој се соочува државата, како и иселувањето, особено на младите лица.

Директорот на Фондот на ПИОМ нагласи дека првата и основна мерка за консолидирање на финансиската состојба на пензискиот систем е економскиот раст на земјата и отворање на нови работни места. Тој рече дека е невозможна консолидација на само еден сегмент, т.е само на пензискиот систем и е потребно да се гледа големата слика, зашто системите се поврзани и зависат еден од друг.

-Државата почива на неколку основни столбови: политички систем ( правосудство и државна управа, здравствен систем, образование итн.); безбедносен систем ( војска и полиција); економски систем ( приватен, реален сектор, банкарски систем) и пензиски систем ( кој опфаќа скоро половина од приливите во буџетот и 2/3 од населението). Сите овие столбови се меѓусебно поврзани и потребна е нивна взамна консолидација, рече Мемов.

Како втора мерка за консолидација тој го посочи обезбедувањето на средства преку реален пасивен приход.

Мемов порача дека со реформата и воведувањето на вториот столб се актуелизира овој концепт за пасивен приход на финансирање на пензискиот систем каде што пензиските друштва ја преземаат улогата на инвеститори и оплодувачи на парите, но имаат законски ограничувања, согласно моделот на Светска банка, каде и во колкав процент од средствата можат да инвестираат.

-Сметам дека е потребно да се размислува во насока да се направат законски измени со кои пензиските друштва ќе можат да инвестираат до 50 проценти од средствата од вториот столб на странски берзи, но со соодветни заштитни механизми и скалест ризик при инвестирањето. Исто така, како друга варијанта, може да се размислува и во правец на инвестирање на акумулираните средства од страна на државата во акции и удели во компании кои остваруваат реален профит, како што тоа се прави во некои земји во Европа, нагласи Мемов.

Тој додаде дека Фондот во изминатиот период до Министерството за социјална политика, демографија и млади достави краткорочни и среднорочни мерки за подобрување на финансиската ситуација, како што се можност за уплата на придонес за ПИО од страна на физички лица кои не се во редовен работен однос, а остваруваат приходи; продолжување на работниот однос на доброволна основа по навршени 64 години живот за сите вработени во приватниот сектор; постепено зголемување на стапката на придонес за ПИО од 0,3 проценти годишно до 2030 година и плаќање на придонесите на ангажираните лица со договор на дело во јавниот сектор.

Мемов посочи дека реформата на пензискиот систем придонесе да се подобри наплатата на придонесите со што е оневозможена ситуацијата од деведесеттите, кога за голем број на вработени не се плаќале придонесите за пензиско осигурување и тие денес имаат проблем во остварувањето на правото на пензија и регулирање на стажот, а со воведувањето на вториот столб осигурениците, имаат свои лични средства за пензија кои се оплодуваат, транспарентен увид во нив и поголема сигурност во остварувањето на правото на пензија и нејзината исплата.

-Пензискиот систем и денес, после 20 години од реформата, се соочува со предизвици за кои сите заедно треба да најдеме решенија. Со координирана активност на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, пензиските друштва, МАПАС, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување во периодот што е пред нас можеме да ги направиме дополнителните чекори и да придонесеме во стабилизацијата на пензискиот систем. Треба да се сослушаме и заеднички да дејствуваме за подобро утре на осигурениците и на идните пензионери. Во таа насока Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и понатаму ќе ги анализира состојбите, ќе предлага решенија за остварување на целта редовна исплата и зголемување на пензиите и задоволни осигуреници и пензионери на секој први во месецот, рече Мемов.

Можете да прочитате

Николоски: Инженерски, а не политички проблем со Бугарија беше изградбата на Железницата

МВР во петок ќе уништува гранати во Полицискиот центар во Ѓорче Петров

Средба Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел – стабилен и економски поврзан регион