
Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев изјави дека може да замисли операции за грабнување и на други светски лидери слични на американската акција во Венецуела, меѓу кои и на германскиот канцелар Фридрих Мерц.
– Киднапирањето на неонацистот Мерц би можело да биде одличен пресврт во овој карневал на настани, изјави Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот совет за безбедност, цитиран од државната новинска агенција ТАСС во неделата.
Таквото сценарио, според него, не е нереално.
– Постојат дури и основи за негово кривично гонење во Германија, така што тоа не би претставувало некоја загуба, особено затоа што граѓаните непотребно страдаат, вели Медведев.
Тој ги оцени постапките на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела како нелегални, но конзистентни, бидејќи ги брани интересите на САД.
– Мора да се признае дека и покрај очигледната нелегалност на однесувањето на Трамп, никој не може да негира дека дефинитивно постои конзистентност во нив. Тој и неговиот тим ги бранат националните интереси на својата земја доста решително, изјави Медведев.
САД, како што наведува, ја гледаат Латинска Америка како „свој двор и Трамп очигледно сака контрола врз нафтените резерви на Венецуела“.
– Главниот мотив на Чичко Сем отсекогаш бил едноставен: ресурсите на другите луѓе. Трамп не го крие тоа. Што можеме да кажеме – ова е lex fortissimum (законот на најсилниот“), забележа Медведев


