Имајќи ги предвид неодамнешните случувања во Србија, како и претставките што македонските граѓани ги упатуваат за начинот на информирање, Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги ги повикува сите медиуми при известувањето за трагични настани да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности.
Ова, како што појаснуваат, особено се однесува на информирањето за настани во кои се вклучени малолетници лица, кои се сторители или жртви на кривични дела.
„Вестите и информативните програми не треба да се темелат на сензационализам, туку треба да содржат проверени информации. Вклучувањето описи, сцени и/или глетки на насилство или друг материјал што може да ги загрози физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите, мора да биде засновано на одговорна уредничка процена за неопходноста на нивното прикажување. Професионалната одговорност подразбира и дека жртвите на насилство треба да се третираат со максимална почит и да се води сметка за заштита на приватноста, човековото достоинство, како и личната болка и жалост на жртвите“, се истакнува во соопштението од АВМУ.
Според Агенцијата, покрај медиумите, и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи треба да покажат максимална општествена одговорност при реемитување сервиси што содржат програми со насилство, вулгарен говор и други непримерни содржини, кои лошо влијаат врз малолетниците и, генерално, може да ја вознемират општата јавност со таквите содржини. Тоа, според напишаното, значи дека треба да бидат особено внимателни при одлучувањето какви сервиси ќе реемитуваат и да применуваат најстроги технички мерки за родителска контрола.