Утрински Весник
Македонија

Мечка во Отуње снимена како пребарува по тераса 

Img 4745.jpeg

Мечка навлезе во селото Отуње, Тетовско, и јадеше остатоци од храна кои жителите ги оставиле на терасата. Домаќините во тој момент биле во куќата и со мобилен телефон ја снимиле грабливата сцена.

Жителите на планинските села во овој регион сè почесто се соочуваат со вакви непријатни средби. Мечките од Шар Планина, во потрага по храна, навлегуваат во дворови и прават штети. Најмногу вакви случаи се регистрирани во селата Доброште, Теарце, Отуње и Сетоле.


Ова лето, во соседните села Сетоле и Једоарце мечки уништија пчеларници и кошници со пчели, додека во Доброште беа испокршени дури 100 лешникови дрвја и изеден цел род од лешници.

Од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека се запознаени со проблемот, но нивните можности за интервенција се ограничени затоа што мечката е заштитен вид. „Нашата институција е во многу деликатна позиција, бидејќи мораме да се грижиме за заштитата на мечката која е национално богатство. Отстрел е можен само со долга и комплицирана процедура, со одлука на повеќе институции и со потпис од министерот за земјоделство“, објаснува Анела Ставреска-Панајотова, раководителка на Одделението за заштита на природата.

Според податоците собрани со камери и теренски контроли, бројот на мечките на „Шар Планина“ не го надминува оптималниот број, но сепак се потребни нови пребројувања. НП „Шар Планина“ нема доволно средства и човечки ресурси за да ја утврди точната бројност.

Институцијата апелира до жителите да не оставаат храна на отворено и да не создаваат депонии со отпад, бидејќи тоа ги привлекува мечките кои бараат полесен начин да дојдат до храна.

Можете да прочитате

Разбиена криминална група со нафта: 13 лица осомничени за даночна измама и перење пари

ФФМ изрече најстрога санкција – Доживотно исклучување за играч на Шкупи

Гаши: Нема информации за тајно сценарио за хаос, но декларацијата ќе биде обврска за сите партии