
Скопје, 14 октомври 2025 – Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир и еден од лидерите на коалицијата, Изет Меџити, учествуваше на состанокот организиран од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) со лидерите на коалицијата ВЛЕН и кандидатите на оваа коалиција за градоначалници.
Во своето обраќање, Меџити ја истакна важноста на тесната соработка меѓу општините, Владата и бизнис-секторот, како предуслов за одржлив економски развој во општините со мнозинско албанско население. Тој потсети дека изминатите денови се одржа и посебна средба за зоната Визбегово, која според него заслужува поголемо институционално внимание поради нејзиниот голем економски придонес.
“Визбегово е зона која дава најмногу и ја полни државната каса преку даноците што ги плаќаат компаниите и илјадниците работници кои работат таму. Оваа зона има потреба од соодветна инфраструктура, реконструкција на улиците “Хасан Приштина“ и “Качанички пат“, кои треба да бидат во функција на економските претпријатија. Потребна е соработка меѓу околните општини, Владата и нов градоначалник на Град Скопје кој ќе ја разбере важноста на локалниот економски развој“, нагласи Меџити.
Тој додаде дека средбата со Стопанската комора на Северозападна Македонија служи за усогласување на ставовите и создавање долгорочно партнерство меѓу локалните институции и бизнис заедницата.
“Како коалиција ВЛЕН дојдовме со почит, сите лидери и кандидати со свои идеи и програми. Се договоривме по изборите да се одржи уште една средба со избраните кандидати за дополнително усогласување на ставовите, иако, всушност, немаме многу што да усогласуваме, бидејќи Комората го поддржува процесот на децентрализација и идејата буџетските средства да се користат за економски, а не за неекономски проекти“, изјави Меџити.
На крајот, Меџити нагласи дека ова партнерство претставува и “инфузија“ за локалните мали и средни компании кои делуваат во своите општини, како и можност за унапредување на дигитализацијата, туризмот и развојот на економските зони во Сарај, Тетово, Струга и пошироко.
“Платформата на ВЛЕН е во иста линија со онаа на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Идејата е и по изборите да продолжиме со продлабочување на оваа соработка, затоа што тоа е во заеднички интерес на општините и бизнис секторот“, потенцираше Меџити.