Зошто нема одговорност за директорот на Психијатриската болница каде јавноста беше згрозена од физичкото насилство кон пациентите кои таму се хоспитализирани. Ова беше едно од прашањата кои Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ јавно му го постави на министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Тој го праша Меџити и зошто транспарентно не ги објави постапките при избор на директори во јавните здравствени установи, со оглед на фактот дека до сега има околу 20 нови директори, а јавноста не е информирана кои се.
Претходно, „Макфакс“ објави вознемирувачко видео на кое пациенти во психијатриската болница Бардовци снимаат и тепаат новодојден пациент.
По објавата на видеото, директорот на психијатриската болница, Мухсин Арифи, рече дека е згрозен од тепањето на пациентот, а и самиот призна дека болницата не била безбедна.
„Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови. Ве известувам дека, од моја страна, по настанатиот случај, преземени се сите безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните институции, кои во моментот се грижат за безбедноста“, рече директорот.
Министерот Меџити, пак, кажа дека тоа што се случи во Психијатриската болница во Бардовци, не е ништо ново и оти се случувало со години наназад.
„Тоа таму не се случило сега, се случува години наназад и ние жалиме за тоа и поради тоа за прв пат покренавме мерки. Таму биле и службеници од МВР и ако треба ке бидат и судските органи што треба да се занимаваат со тоа, а ние сме тука за се да помагаме како министерство за здравство “, рече Меџити.
По вознемирувачкото видео, здравствениот инспекторат изврши увид во болницата и нареди да се обезбеди лична сигурност на пациентите.
Засега, нема никаква одговорност за тепањето во психијатриската установа.