Утрински Весник
Свет

Маурициус тврди дека неговиот суверенитет над архипелагот Чагос е признат со меѓународното право

20260120200609 big 730x400 3.webp.webp

Маурициус тврди дека неговиот суверенитет над архипелагот Чагос е безусловно признат од меѓународното право.

– Суверенитетот на Република Маурициус над архипелагот Чагос повеќе не треба да биде предмет на дебата. Со нетрпение очекуваме спроведување на договорот (со Велика Британија) што е можно поскоро, во согласност со преземените обврски, изјави главниот обвинител на Маурициус, Гевин Гловер.

Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше Велика Британија дека го предала архипелагот на Маурициус. На Чагоските Острови се наоѓа британско-американската воена база Диего Гарсија.

Трамп оцени дека предавањето на британската територија во Индискиот Океан на Маурициус е знак на целосна слабост на Велика Британија. Тој ја наведе оваа одлука како една од причините за неговата намера САД да го преземат Гренланд, кој е полуавтономен дел од Кралството Данска.

– Откажувањето од исклучително важна територија е чин на ГОЛЕМА ГЛУПОСТ и уште една во долгата низа причини од националната безбедност зошто Гренланд мора да биде стекнат, објави Трамп на сопствената мрежа „Трут соушл“ (Truth social).

Тој додаде дека „нема сомнеж дека Кина и Русија го забележале овој чин на целосна слабост“.

Британската Влада соопшти дека никогаш нема да направи компромис со националната безбедност и оти договорот ја гарантира иднината на заедничката база со САД.

Обединетото Кралство во мај 2025 година потпиша договор за враќање на суверенитетот над Чагоските Острови на Маурициус по долгогодишни преговори иницирани по советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 2019 година. Покрај фонд од 40 милиони фунти за иселените Чагосци, Лондон се обврза да му плаќа на Маурициус најмалку 120 милиони фунти годишно во рамките на 99-годишниот договор, при што вкупната номинална вредност ќе достигне речиси 35 милијарди фунти.

Можете да прочитате

Судири помеѓу полицијата и земјоделците пред ЕП во Стразбур

Британската влада одобри Кина да почне со изградба на нова амбасада во Лондон, една од најголемите во светот

Владата на Полска планира да ја укине вонредната помош за Украинците