Фудбалерот од средниот ред на Челси, Матео Ковачиќ, ги договорил личните услови со Манчестер Сити и се надева дека наскоро ќе прејде во редовите на „граѓаните“. Се чекаат преговорите меѓу двата клуба, а ќе започнат по финалето од Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и Интер кое ќе се одигра утревечер во Истанбул.
Ковачиќ е врзан за Челси до летото 2024 година, но е меѓу играчите со кои лондончани се подготвени да се разделат за профитабилна понуда. Неговата евентуална преселба во Манчестер Сити зависи и од тоа дали Илкај Гундоган повторно ќе потпише со „небесносините“ или ќе замине како слободен играч.
Ковачиќ е многу заинтересиран да работи со Пеп Гвардиола. Минатата сезона, 29-годишниот хрватски интернационалец забележа вкупно 37 настапи за Челси во сите натпреварувања, постигнувајќи два гола и исто толку асистенции.