Утрински Весник
Свет

Маск објави снимка од апсење: „Ова е Британија или Советскиот Сојуз?“

Apsenje.jpg

Елон Маск ја продолжува својата расправија со британскиот премиер Кир Стармер за немирите што ја зафатија Велика Британија.

Милијардерот објави видео на „Икс“ на кое се гледа како полицајци апсат маж поради навредливи коментари на Фејсбук.

„Уапсен поради коментар на Фејсбук! Дали е ова Британија или Советскиот Сојуз? Дали е ова вистина @Community Notes“, напиша Маск, означувајќи ја услугата за проверка на факти на „Икс“.

На видеото се гледа како полицаецот му кажува на мажот дека е уапсен под сомнение оти неправилно користел електронска мрежа за комуникација. Наведеното кривично дело се однесува на испраќање пораки од „искучително навредлива или непристојна или заканувачка содржина“ и може да резултира со максимална затворска казна од шест месеци или парична казна.

Маск, исто така, го праша Стармер: „Зошто сите заедници не се заштитени во Британија?“. Тоа беше коментар на видеото на кое се гледа толпа маскирани луѓе околу паб, а некои од нив веат палестинско знаме. Маск веќе даде сличен коментар во понеделникот, откако Стармер рече дека нема да толерира напади врз муслиманските заедници.

Џамиите и хотелите во кои се сместени баратели на азил беа меѓу целите на немирите низ Британија минатата недела, пишува „Скај њуз“. Расправијата меѓу британскиот премиер и американскиот мултимилијардер започна кога Маск изјави дека граѓанската војна е неизбежна во Велика Британија.

Немирите избија минатиот вторник по смртоносниот напад со нож во кој беа убиени три девојчиња. Немирите потоа се проширија и во другите градови низ земјата. Аксел Рудакубана, млад човек роден во Кардиф, чии родители се по потекло од Руанда, е одговорен за убиството на трите девојчиња.

Можете да прочитате

Се урна хотел во Германија, има мртви и затрупани под урнатините

Вашингтон Пост: Израел предизвикал гнев во Белата куќа откако соопштил дека го ликвидирал Ханија

Блинкен: Синвар е клучен за примирјето во Газа