Селекторот на фудбалската репрезентација на Белгија, Роберто Мартинез, верува дека отсуството на напаѓачот Ромелу Лукаку на Светското првенство во Катар ќе ја принуди неговата репрезентација да го промени начинот на игра. Лукаку се мачи со повреда на тетивата, откако неодамна се врати на терените, но повторно се повреди.
Неговиот настап на Светското првенство во Катар е неизвесен, пред се за првиот меч што Белгија го игра против Канада на 23 ноември.
Тимскиот лекар Кристоф Сас ја опиша последната повреда на Лукаку како „пречка“, но не и како голем удар за шансите на играчот да се појави на Светското првенство.
„Ова не е проблем што става дефинитивен крај на шансите, но тоа е назадување за самиот играч, неговиот клуб и за белгиската репрезентација“, изјави Сас.
Мартинез зборуваше за важноста на Лукаку во репрезентацијата на Белгија. Без него, тие потенцијално би морале да го реструктуираат средниот ред и нападот.
„Во Белгија тој е незаменлив. Секоја репрезентација има незаменливи играчи, погледнете ја Аргентина со Меси, Хрватска со Модриќ, Брозовиќ и Ковачиќ, такви играчи имаат и Шпанија и Германија. Едноставно така функционира фудбалот. Во нашиот случај тоа се Куртоа, Де Брујне и Лукаку. Не можете да ги замените. Ако тие не играат, ние ќе мора да играме на поинаков начин“, изјави Роберто Мартинез.