Дебатата заврши, Новак Ѓоковиќ е најголемиот на сите времиња, пишува шпанскиот спортски весник „Марка“ откога Србинот славеше на Ју-ес опен и го освои 24. грен слем.
Србинот сега има два трофеја повеќе од Рафаел Надал и четири повеќе од Роџер Федерер, па неговата доминација ја препознаа и медиумите од земјата од која доаѓаат Надал и Карлос Алкараз.
Во авторски текст на „Марка“ потоа се набројуваат причините што несомнено го ставија Ѓоковиќ на пиедесталот и му ја доделија титулата најдобар тенисер на сите времиња.
Првиот и најочигледен доказ е дека има освоено најмногу грен слема. Се истакнува и дека Ѓоковиќ четврти пат во кариерата освои три грен слем турнири во една сезона, што никој досега не го направил.
Потоа се додава дека Ѓоковиќ штотуку ја почна 390. недела на чело на АТП-листата и дека во март 2021 година го престигна Федерер, кој мина 310 недели на првото место.
Особено за одбележување е рекордната 2015 година, што Ѓоковиќ ја заврши со рекордни 16.785 поени. Во таа 2015 година Србинот освои три грен слем титули (Австралија опен, Вимблдон и Ју-ес опен) и дури седум мастерси од серијата 1000, како и завршниот мастерс.
Кога се во прашање мастерс-турнирите, треба да се истакне дека Ѓоковиќ има дури 39, три повеќе од Надал.
Покрај тоа, Србинот е единствениот тенисер што има барем еднаш победено на деветте мастерс-турнири од серијата 1000, и не само тоа, туку на секој има победено барем двапати.
Исто така, се додава дека Ѓоковиќ по 30 години, освоил дури 12, односно половина од пехарите на грен слем турнирите и дека со 36 години и три месеци станал најстариот победник на Ју-ес опен во историјата.
Шестпати, исто како и Федерер, тој го освоил завршниот мастерс.
Конкретно, се додава дека Ѓоковиќ е подобар од своите двајца најголеми ривали во меѓусебните пресметки. Има скор 30:29 против Надал и 27:23 против Федерер.
Друг податок што потврдува дека Србинот е најдобар на сите времиња е процентот на победи во кариерата.
Ѓоковиќ победи на 1.076 од 1.287 натпревари, процент на успешност од 83,6 отсто. Надал е со 82,9 отсто, со 1.068 победи на 1.288 натпревари.
Кога станува збор за бројот на титули, Ѓоковиќ е најуспешен меѓу активните тенисери со 96 од нив.
Надал има 92. Само Федерер со 102 и Џими Конорс со 109 се пред шампионот на Ју-ес опен.