Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг-состанок за поглавјето 24-Правда, слобода и безбедност, пред претставниците на Европската комисија го најави потпишувањето на Договорот со Фронтекс.
– Задоволен сум што преговорите за Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, се завршени и што наскоро ќе го потпишеме овој важен договор, на македонски јазик, а во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Јохансон, рече Маричиќ на состанокот.
Вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ додаде дека овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што е заеднички интерес и на Северна Македонија и на Европската Унија, како што беше докажано во минатите времиња, особено за време на мигрантската криза во 2015 година.
Во своето воведно излагање, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ посочи дека областа на правда, слобода и безбедност е област од особено значење со оглед на растечката рамка на заеднички правила за прашања како што се граничната контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал, борба против тероризмот, соработка во полето на дрогата, царинската соработка и судската соработка во кривичното и граѓанското право.
– Професионалната, доверлива и ефикасна полициска организација е од огромно значење во преговорите со Унијата. Политиките за миграција и управување со границите се исклучително важни и нивниот развој влијае на насоката на социо-економскиот развој на земјата, како и насочувањето и контролата на мерките што се преземаат за заштита на безбедноста на земјата и граѓаните, рече Маричиќ.