Утрински Весник
Македонија

Марјановиќ: Онкологијата во хаос – нема регистар, нема систем, пациентите оставени сами на себе

Img 1643.jpeg

Македонскиот здравствен систем е недоволно подготвен да одговори на потребите на онколошките пациенти, а скрининг-програмите за рак не функционираат ефикасно, предупреди Ана Марјановиќ од „Хемаонко“ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Таа посочи дека пациентите, особено жените со карцином на дојка, биле принудени сами да се организираат и да реагираат на институционалниот хаос.


„Ние, пациентите со карцином на дојка, се здруживме и како пеперутки протестиравме пред Јавното обвинителство за да укажеме на хаосот во онкологијата. Тоа нè мотивираше да се вклучиме во ХЕМА-ОНКО и да им помагаме на пациентите“, изјави Марјановиќ.

Таа нагласи дека во државата не постои централен регистар за рак, што дополнително ја отежнува борбата против болеста и планирањето на здравствените политики.

„Да имаме скрининг програма само со регистрација преку интернет за жени над 40 години не е доволно. Ако пациентот има грудка, што следува? Патеката за третман не е обезбедена, нема доволно радиолози и мамографи – тоа создава хаос во системот“, истакна таа.

Марјановиќ потенцираше дека клучно решение е вложување во ефективни и редовни скрининг-програми, кои овозможуваат рано откривање на болеста.

„Секој пациент откриен во првиот стадиум има многу поголеми шанси за преживување, а државата истовремено штеди на скапите терапии кои се потребни во доцните фази“, заклучи таа.

Таа упати апел за итни системски реформи кои ќе обезбедат функционален скрининг, јасна патека на лекување и навремена грижа за онколошките пациенти.

Можете да прочитате

Марјановиќ: Довербата во онкологијата е урната – пациентите бараат дополнителни проверки и анализи

Велев: Пациенти со дијабетес со месеци без терапија и сензори!

Кузмановска: Пациентите прифаќаат бубрег и црн дроб но одбиваат трансплантација на срце