Коста Најков, адвокат на Марјан Стаменковски сопственик на порталот „Доказ М“, смета дека заедно со неговиот клиент ќе добијат ослободителна пресуда. Адвокатот посочува дека се изведуваат докази, а Стамнековски смета дека не е виновен за низата кривични дела кои му се ставаат на товар, вклучувајќи го и делото уцена.
„Поради ваше појаснување, бидејќи станува збор за скратена постапка, Доказната постапка продолжи со испитување на оштетените, тоа значи дека обвинетиот не призна вина и смета дека не е виновен, дека овде се работи за вербален деликт, а не и за кривична одговорност. Се надеваме дека во текот на постапката тоа ќе го докажеме. Ќе се изведуваат докази, кои и што, не можам да ви кажам. А пресудата ќе биде јавна. Нашите очекувања се дека на крај ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда, бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без разлика на она што го пишувал Марјан или дали тоа на неколку му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или неа“, вели адвокатот Коста Најков.
Адвокатот Најков, нема информација за вториот предмет кој се води против Стамнековски.
„За тој предмет немам никаква информација, што и како се работи. За тоа може само Јавното обвинителство да каже“, кажа адвокатот.
На денешното рочиште сведочеа двете новинарки од „Фокус“, Валентина Вурмо и Ирена Мулачка, кои беа таргет на текстовите на Стамнековски, а во кои се содржеа лични навреди, обвинувања, омаловажувања. Судењата се зад затворени вработи, за да се заштитат жртвите.
Марјан Стаменковски од затворот во Шуто Оризари беше спроведен во Кривичниот суд, каде што му се суди за повеќе дела.
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023 година, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.
Обвинителството бараше продолжување на притворот е побарано за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што сè уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.