Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Украина кој ќе се одигра в петок на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Избраниците на селекторот Благоја Милевски се надеваат дека ќе одиграат квалитетно и дека ќе остварат позитивен резултат.
„Веќе влеговме во последната фаза од подготовките за мечот против Украина. Навистина не очекуваат многу тешки натпревари. Оптимисти сме, ќе дадеме се од себе да ги победиме Украинците, фокусирани сме на тој натпревар, но нема да биде лесно. Имаме голема почит кон противникот, Украина е талентиран и одличен тим. Тоа го потврдија и на синоќешниот пријателски натпревар против Германија. Верувам дека ние помладите даваме дополнителен импулс во нашата репрезентација. Се разбира дека имаме голема почит кон поискусните. Тие се наша голема поддршка. Верувам дека заеднички придонесуваме за подобра енергија во тимот. Важно е да ги исполниме задачите од селекторот. Ако тоа го направиме на терен, убеден сум дека ќе оствариме позитивен резултат“, изјави дефанзивецот Јован Манев.
Дебитантот Сефер Емини се надева на триумф против Украинците.
„Чест е да се биде овде, се трудам да го дадам максимум на секој тренинг. Репрезентацијата е таква што секој треба да даде се од себе. Сите мораме да бидеме подготвени и да ја чекаме одлуката на селекторот. Пред се мора да се фокусираме на натпреварот против Украина, а дури потоа да размислуваме за Англија. Позитивен резултат на првиот меч ќе донесе повеќе верба и самодоверба пред патувањето во Манчестер. Целта е да се одигра најдобриот можен натпревар и да се победи, но фудбалот е непредвидлив. Ако не сте 200 проценти сконцентрирани, секој може да ви ги расипе плановите“, истакна Емини.
По дуелот со Украина, македонските репрезентативци заминуваат за Манчестер каде на 19 јуни ќе играат против Англија.