Селекторот на Италија во заминување Роберто Манчини реши да ги искористи социјалните мрежи за да ја открие својата одлука да ги напушти „аѕурите“. Тој ги изненади сите со оставката во време кога немаше очигледна причина да го стори тоа.
„Одлуката да ја напуштам функцијата национален селектор е целосно моја. Сакам да му се заблагодарам на Габриеле Гравина за довербата што ми ја укажа, како и на сите членови на Италијанската федерација. Им честитам и им благодарам на сите мои играчи и на навивачите кои секогаш беа зад мене во последните пет години. Неверојатниот успех на ЕВРО 2020 засекогаш ќе остане во моето срце. Ми беше чест“, напиша Манчини.
Се шпекулира дека Манчини добил понуда да ја предводи репрезентацијата на Саудиска Арабија и дека најверојатно тоа е причината за неговото заминување. Сепак, за тоа Манчини немаше никаков коментар.