На командниот брод на руската морнарица, „Адмирал Кузнетсов“ избувна пожар, јавуваат руските медиуми.
Станува збор за единствениот руски носач на авиони, а пожарот избувнал додека бил закотвен во бродоградилиштето Звјоздочка во Мурманск, на Баренцовото Море, објави агенцијата „ТАСС“.
Извор од итната служба денеска за ТАСС изјави дека 20 лица се евакуирани и дека пожарот е изгаснат и нема жртви.
Шефот на Обединетата бродоградба корпорација, која ја надгледува реставрацијата на бродот, Алексеј Рахманов, за РИА Новости изјави дека инцидентот се случил за време на поправка на бродот.
„Адмирал Кузнетсов“ е надвор од служба и на пристаниште за поправки од 2018 година. Бродот тежи 43.000 тони, има екипаж од 1.300 лица и е вооружен со противбродски и противвоздушни ракетни системи. Во ноември 2022 година, руските власти рекоа дека поправките одат според планот и дека бродот ќе биде готов до првиот квартал на 2024 година.
Во ноември, Рахманов им изјави на новинарите во Москва дека се откриени дефекти на одделни делови од бродот, но „работата се одвива според планот“. Се очекува реновирањето да му даде на бродот нов борбен потенцијал и да го продолжи неговиот животен век за дополнителни 10 до 15 години, објави „Навал Њус“.