
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Владата на Франција ќе покрене забрзана законска постапка за воведување забрана за користење социјални мрежи за деца и тинејџери под 15-годишна возраст, со цел мерката да стапи на сила уште од следната учебна година.
Во видео-порака објавена денеска, Макрон истакна дека побарал од владата законот да се разгледува по итна постапка во парламентот, со што би се овозможило негово брзо усвојување и навремена примена. Тој нагласи дека оваа обврска ја презел јавно и дека станува збор за јасна политичка одлука насочена кон заштита на децата.
„Забрануваме користење на социјални мрежи за деца под 15 години и ќе воведеме целосна забрана за мобилни телефони во средните училишта. Ова е јасно правило – за тинејџерите, за семејствата и за наставниците“, порача францускиот претседател.
Макрон нагласи дека дигиталните платформи не смеат да имаат неограничен пристап до децата и нивното внимание, додавајќи дека „мозоците, емоциите и ранливоста на децата и тинејџерите не се на продажба“.
Во својата изјава тој посебно ја истакна загриженоста од влијанието на странски дигитални платформи и алгоритми, оценувајќи дека тие сè почесто вршат манипулација врз младите корисници.
Убрзаната постапка, предвидена со францускиот Устав, овозможува законот да помине низ парламентарната процедура со значително скратени рокови, што би ја отворило можноста забраната да започне со примена веќе од следната учебна година.


