
Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва на Генералното собрание на ОН потврди дека Франција ја признава Палестина како независна држава.
Со ова, Франција се приклучува на земји како Обединетото Кралство, Канада и Австралија, кои го направија истиот чекор во последните недели.
„Светот е на чекор до губење на шансата за мир. Време е да се стави крај на војната во Газа“, порача Макрон, додавајќи дека решението со две држави е единствен пат.
Израел остро реагираше, оценувајќи дека признавањето е награда за тероризмот и повтори дека палестинска држава нема да се случи.
Палестинските власти го поздравија чекорот и го оценија како неповратен пат кон дводржавно решение.
Со Франција, вкупно 153 земји-членки на ОН – речиси 80 отсто ја имаат признато Палестина.
Во меѓувреме, Израелската офанзива продолжува. Според здравствени власти во Газа, во последните 24 часа загинале 61 лице, со што вкупната бројка од 7 октомври 2023 достигнува 65.344 загинати.