Утрински Весник
Македонија

Макета на „Усје“ „чадеше“ пред Министерството за животна средина

Whatsapp image 2026 03 12 at 15.54.14.jpeg

Активисти од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска организираа протестна блокада пред Министерството за животна средина и просторно планирање, барајќи поголема транспарентност и построги еколошки стандарди во постапката за издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата „Титан Усје“.

Учесниците на протестот поставија столчиња на улицата пред министерството и одржаа симболично „граѓанско собрание“, при што истакнаа транспаренти со еко-пораки и побараа институциите да ги земат предвид ставовите на граѓаните и експертската јавност во процесот на издавање на новата дозвола.


Според активистите, досегашната дозвола за работа на цементарницата била издадена во 2020 година, а компанијата неодамна поднела барање за нејзино обновување. Од иницијативата бараат документот да биде јавно објавен и да се организира јавна расправа, со цел граѓаните и стручната јавност да можат да ги изнесат своите забелешки.

Пред зградата на министерството беше поставена и симболична макета на индустриски комплекс со оџаци од кои „излегува чад“, како и транспарент со порака „А-дозвола за дишење наместо гушење“. Во рамки на перформансот беа поставени и празни столчиња со имињата на министерот за животна средина, заменик-министерката и раководителката на одделението задолжено за контрола на индустриското загадување.

Активистите посочија дека со месеци се обидуваат да остварат средба со претставници на министерството за да ги презентираат своите барања, но досега, како што велат, не добиле одговор.

Едно од главните барања на иницијативата е намалување на дозволените гранични вредности за штетните честички што се испуштаат од фабриката, како и засилување на контролите. Наместо мерењата да ги вршат самите компании, активистите сметаат дека тоа треба да биде обврска на државните институции.

Дополнително, тие бараат акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето, бидејќи во моментов мерењата во индустриските капацитети ги спроведуваат приватни лаборатории.

Меѓу барањата се и ставање во функција на мерната станица во Кисела Вода, инсталирање систем за континуирано мерење на емисиите од оџаците на цементарницата, како и постепено преминување кон почисти енергенси во производниот процес.

Еко-активистите исто така предлагаат ревидирање на мерките за прогласување вонредна еколошка состојба и усогласување на дозволените гранични вредности за штетни честички со препораките на Светската здравствена организација.

Можете да прочитате

Андоновски одржа средба со АВМУ и претставници на инфлуенсерите

Поради извршна постапка попречена продажбата на аудито на Општина Струга 

Трајановски и Чен Чен го потпишаа Анексот број 8 од Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид