Утрински Весник
Спорт

Македонските кошаркари ја совладаа Полска во евроквалификациите

20240226200002 big 730x400 8.webp.webp
Dik 300x250 mk

Македонската машка кошаркарска репрезентација ја забележа првата победа во вториот натпревар од квалификациската група Х за пласман на Европското првенство 2025, откако вечерва триумфираше на гостински терен над Полска со 96-71 (25-16, 22-22, 22-12,27-21).

До премиерниот триумф во евроквалификациите македонската репрезентација на паркетот во Арената „Арцелор Митал Парк“ во Сосновиец ја предводеа Ненад Димитријевиќ со 32 поени и Итан Хап, кој натпреварот го заврши со 19 поени.

Полска на средина од првата четвртина имаше предност од 14-10, кога македонските кошаркари заиграа агресивно во одбраната, а ефикасно во нападот и со серија од 11-0 го презедоа водството кое во првиот дел достигна највисоки +13 (29-16).

Избраниците на селекторот Александар Јончевски продолжија во ист стил и во третата четвртина која ја решија во своја корист со 22-12 и во последниот период од натпреварот влегоа со предност од +19 поени (69-50).

Домаќинот ја отвори четвртата четвртина со серија од 7-0 и се приближи на 69-57, но Македонците возвратија со десет последователни поени и ги решија сите дилеми околу конечниот исход.

Во вториот вечерашен дуел во групата Х, Естонија ја совлада Литванија на домашен терен со 65-59.

Естонија води на табелата со 4 бодови, пред Македонија и Литванија со по 3, а Полска е последна без бодови во групата од која пласман на Евробаскетот 2025 ќе обезбедат двете првопласирани селекции.

Воведниот февруарски циклус во евроквалификациите избраниците на Јончевски го завршија со победа и пораз, откако во првото коло во петокот во Скопје беа поразени од Естонија со 69-74, а настапот во групата Х ќе го продолжат наесен кога претстојат дуелите против Литванија, на 21 ноември на домашен и на 24 ноември на гостински терен.

Можете да прочитате

Осимен блесна со два гола за Галатасарај, Атлетик Билбао со пресврт до први бодови во Лигата на шампионите

ЕХФ воведува ново натпреварување на ниво на репрезентации

Кошаркарите на Пелистер ја извојуваа својата прва европска победа