Утрински Весник
Македонија

„Македонски сновиденија“ на Националниот џез оркестар ќе ги отвори 25. Есенски музички свечености

20251024190654 big 730x400 23.webp.webp
Dik 300x250 mk

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје од денеска до 10 ноември ќе се одржи јубилејното 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“. Фестивалот свечено ќе биде отворен со концертот на Националниот џез оркестар насловен „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов со почеток во 20 часот на сцената на Малата сала на Филхармонија.

Како што посочуваат Националниот џез оркестар, овој проект претставува ново поглавје во работата на Оркестарот – првпат од неговото формирање оркестарот подготвува нови обработки на македонски народни песни, како и оригинални композиции инспирирани од македонскиот фолклор. Покрај самата концертна изведба, проектот е замислен и како авторска иницијатива на оркестарот, со планови за снимање, архивирање и понатамошна интеграција на материјалот во творечкиот опус на оркестарот.


Од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје посочуваат дека македонскиот Национален џез оркестар го претставува проектот „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонски фолклор и современ џез. Програмата ќе ја диригира Владимир Николов, кој ќе го предводи оркестарот низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонскиот фолклор, прераскажани преку јазикот на џезот. Македонскиот национален џез оркестар е симбол на врвна џез музика и високо ниво на уметнички перформанси. Овој Биг Бенд оркестар обединува врвни џез музичари од Македонија и меѓународно признати гости-уметници. Основан како национална институција во 2024 година, тој брзо стана централна сила во културниот живот на земјата. Со иновативна програма и распродадени настапи, тој изгради репутација како национален џез бренд. Меѓу гостите солисти до сега се истакнуваат Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Курт Розенвинкел, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати и други меѓународно признати уметници. Сите тие придонесоа за растечкиот меѓународен профил на оркестарот.

На 31 октомври со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар – Салон 19-19 ќе се одржи концерт на Георги Шарески. Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот, придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.

На 2 ноември во Музеј на Македонска борба за самостојност во 20 часот ќе се одржи концерт на Женскиот хор Фрида од Македонија – „Фрида Музикотерапија”. Аматерски женски хор ФРИДА е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот функционира во 2 секции/групи составени од по 60-тина хористки аматери, со големо хорско искуство.

На 5 ноември во Културно информативниот центар Салон 19 19 со почеток во 20 часот концерт ќе одржи концерт на Пламенка Трајковска – гудачки квартет – „Јохан Штраус во филмот“ и проекција на „Веселата војна“. Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска е дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје и претставува еден од водечките камерни ансамбли во земјата. Со својата музичка страст и креативност, тие ја спојуваат класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Квартетот настапува на најзначајните културни сцени во Македонија и Европа, создавајќи концерти исполнети со енергија, емоција и уметничка прецизност. Квартетот е составен од Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.

На 6 ноември во Културно информативниот центар Салон 19 19 во 20 часот ќе се одржи Солистичкиот рецитал: „Звуци на срцето и душата“ од Берислав Јерковиќ (баритон), Ана Дадиќ, (пијано) од Хрватска. Берислав Јерковиќ е дипломец по Пеење, Диригирање и Музичка педагогија, со докторски студии на Универзитетот во Загреб. Има изведено бројни солистички улоги во опери низ Европа, Африка и Америка, а настапувал со врвни оркестри и ансамбли. Добитник е на повеќе награди за вокални и диригентски настапи и активен е како професор на Академијата за уметност во Осиек, каде е и раководител на Одделот за музичка уметност. Ана Дадиќ е пијанистка и флаутистка со дипломи од Музичката академија во Загреб и Академијата за музика во Љубљана. Добитничка е на над 35 први награди на национални и меѓународни натпревари и астапувала во повеќе европски земји. Соработувала со истакнати оркестри и ансамбли, меѓу кои Загрепската н филхармонија и Квартет Руцнер. Моментално работи како корепетитор во Уметничкото училиште за танц „Силвија Херцигонја“ во Загреб.

На 8 ноември во Културно информативниот центар Салон 19 19 во 20 часот ќе се одржо Камерен концерт – „Впечатоци од Шпанија“ од Миреја Пинто (мецосопран), Владислав Броневецки (пијано) од Шпанија. Миреја Пинто (родена во Манреса, Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид. Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Маazel, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри. Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“– Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други). Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано). Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.

Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.

На 10 ноември, на последниот ден од фестивалот во Културно информативниот центар Салон 19 19 во 20 часот ќе се одржи Концерт на Једен Ансамблот од Турција. Једен Ансамблот е основан во Виена во 2018 година и организира концерти во различни делови на Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика. Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10-тиот век до денес, во различни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, танбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот. Настапуваат во Австрија и низ Европа, вклучувајќи Германија, Унгарија, Чешка и Полска, учествувале на многу меѓународни фестивали, а нивните настапи биле прикажани и на значајни телевизиски канали како ТРТ. Ансамблот го сочинуваат Руи Азиз, каманча, Халил Ибрахим Доѓан, неј, Реџеп Белен, тамбура, Наваф Хамед, канун.

Од своето основање во 1999 година, „Есенските музички свечености“ претставуваат еден од најпрестижните музички фестивали во нашата земја. Секоја есен, во периодот од октомври до ноември, Скопје станува сцена на врвни музички доживувања што ја обединуваат класичната, камерната, џез и современата музика.

Во 2025 година, фестивалот гордо го одбележува своето јубилејно 25-то издание, потврдувајќи ја својата мисија да биде симбол на есенската музичка култура и неизоставен дел од културниот идентитет на градот. Со четврт век традиција, свеченостите остануваат препознатливо место на кое музиката ја раскажува својата универзална приказна.

Можете да прочитате

Почина политичкиот аналитичар Агим Јонуз

Почина поранешниот кошаркар на Пелистер, Зоран Петковски

Да се остават во минатото луѓето кои освен освен распродажба на Македонија, не покажаа ништо друго, повика Мицкоски од Росоман