Косовската полиција објави дека во саботата вечерта спречила шверц на стока – обувки и облека – од Косово во Северна Македонија, во близина на граничниот премин Генерал Јанковиќ/Блаце меѓу двете држави, при што уапсила македонски државјанин кој се судрил со возилото со кое ја превезувал стоката низ нелеган пат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во вчерашното соопштение на полицијата се наведува дека прексиноќа околу 20 часот, во атарот на село Сеќиште кај Генерал Јанковиќ, е забележано сомнително возило како се обидува да ја премине граничната линија и веднаш се преземени дејствија за негово сопирање.
Возачот на возилото, со иницијали З.А., македонски државјанин од албанска националнот, на возраст од околу 40 години, откако увидел дека бил забележан од патроли на граничната полиција, при обид да побегне во правец на територијата на Република Северна Македонија, предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета.
Полицијата го извлекла возилото со македонски регистарски таблички и при контрола на истото во него нашла 120 пара обувки (патики) и 260 парчиња облека (дуксери и тренерки).
„Се сомнева дека намерата била стоката да се прокриумчари од територијата на Република Косово на територијата на Република Северна Македонија преку планински патишта. Во врска со случајот преземени се сите дејствија во соработка со државен обвинител, при што по негова наредба на осомничениот му е одреден притвор во траење од 48 часа, додека шверцуваната стока и возилото се одземени и испратени на царински термин за понатамошна законска процедура“, се наведува во соопштението на полицијата.