Утрински Весник
Македонија

Македонската полиција домаќин на регионална конференција за борба против високоризични криминални мрежи

Image 2026 02 03 133220271.png

Денес и утре, Македонската полиција е домаќин на регионалната конференција на тема „Човечкиот фактор наспроти технологијата во собирање докази против високоризични криминални мрежи“, која се одржува по иницијатива на Бирото за јавна безбедност и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, со финансиска поддршка од Проектот EU4FAST.

На конференцијата учествуваат претставници на полициските служби и јавните обвинителства од Белгија, Словенија, Италија, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, како и претставници на Проектот EU4FAST, Европол, Интерпол и партнерските безбедносни агенции присутни во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека борбата против транснационалниот организиран криминал бара цврста и суштинска меѓународна соработка.

„Во борбата против транснационалниот организиран криминал, меѓусебната доверба, отворената соработка и континуираната размена на информации и знаења не се избор, туку неопходност. Само преку вистинско партнерство можеме ефикасно да одговориме на закани кои не познаваат граници“, нагласи директорот Јанев.

Тој посочи дека технологијата претставува клучен сојузник во современите истраги, но дека нејзината примена мора да биде во рамките на јасен човечки и институционален контекст.

„Технологијата ги зајакнува доказите, ја зголемува безбедноста на полициските службеници и овозможува финансиско и дигитално следење на криминалните активности. Но, без човечки контекст, податоците остануваат нецелосни, а без технолошка поддршка, истражителите се изложени на непотребен ризик. Силата на современото спроведување на законот лежи во дисциплинираната и одговорна интеграција на човечкиот фактор и технологијата“, истакна Јанев.

Директорот на БЈБ нагласи дека успехот на органите на прогонот не се мери само преку лишување од слобода на сторителите, туку преку обезбедување одржливи обвиненија и правосилни судски одлуки.

„Ефикасната борба против транснационалниот организиран криминал зависи од рана, континуирана и структурирана соработка меѓу истражителите и јавните обвинители. Партнерството меѓу истражителот и обвинителот е камен-темелник на кредибилен и ефикасен институционален одговор на криминалот“, рече Јанев.

Истовремено, тој упати порака дека отвореноста и партнерството меѓу државите и институциите задолжени за спроведување на законот значи напуштање на фрагментираниот пристап и градење реална, синхронизирана и системска соработка насочена кон внатрешните структури и раководните нивоа на криминалните мрежи.

„Со искрена, заедничка и партнерска соработка, криминалните мрежи, структури и поединци никаде не смеат да се чувствуваат безбедни, заштитени или недопирливи“, порача директорот на БЈБ, Александар Јанев.

Можете да прочитате

Алкохол, дрога и екстремна брзина носат затвор до 3 години – Новиот закон стапи на сила!

Филков:Дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство

Камбовски: Судскиот совет разгледува предмети во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов, резултатите од проверките се очекуваат неделава