
Со солзи, тишина и болка, Македонија денеска се простува од Владимир Блажев – Панчо, членот на легендарното дуо ДНК, кој по седум месеци битка ја загуби животната битка со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Телото на Панчо утрово беше изложено во црквата „Св. Илија“ во скопски Аеродром, каде што неговото семејство, пријателите, колегите и бројни граѓани дојдоа да му оддадат последна почит.
Атмосферата беше исполнета со длабока тага, неверување и неизмерна љубов кон човекот кој со својата музика и харизма остави белег на цела една генерација.
Меѓу присутните беа Тамара Тодевска, Влатко Лозаноски – Лозано, Роберт Билбилов, Александар Тарабунов, Пере Нокаут и многу други македонски уметници со кои Панчо ја споделуваше сцената, музиката и пријателството.
Опелото започна напладне, по што неговото тело беше положено во вечен покој на гробиштата во Бутел. Со неговата смрт, бројот на жртвите од трагедијата во „Пулс“ се искачи на 63 лица – бројка што зад себе остава безброј скршени семејства и неизлечлива болка.
Синоќа, на плоштадот „Слобода“ во Штип, неговите сограѓани и обожаватели запалија свеќи и пуштија ѕвезди во небото под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, како симбол дека неговата светлина и музика никогаш нема да згаснат.
Панчо ќе остане запаметен не само по своите песни и стихови, туку и по искреноста, насмевката и човечноста со која ги обединуваше луѓето – на сцената и надвор од неа.