Утрински Весник
Македонија

Македонија чекор поблиску до „Роаминг како дома“ – законските измени на јавна расправа

Bigstock Defocus Male Hand Holding Phon 465730213.jpg

Со измените на Законот за електронски комуникации, кои се објавени на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), државата започнува процес на усогласување со европските регулативи, што треба да овозможи приклучување кон иницијативата на Европската Унија „Роаминг како дома“. Целта е граѓаните и компаниите од земјава да можат да користат мобилни услуги во земјите членки на ЕУ без дополнителни трошоци за роаминг, односно под исти услови како во домашната мрежа. Предлог-измените, чиј предлагач е Министерството за дигитална трансформација, се достапни за јавноста на ЕНЕР, каде заинтересираните можат да достават коментари во наредните четири дена. Според нацрт-верзијата, со законските измени се предвидува воведување прецизни правила за ограничување на цените на роаминг услугите.

Предвидена е и засилена заштита на корисниците преку поголема транспарентност, механизми за спречување неочекувано високи сметки, како и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во секторот електронски комуникации. Намерата е да се обезбеди укинување на дополнителните роаминг трошоци при патување во ЕУ, поголема правна сигурност и предвидливост на цените, како и олеснет пристап до дигитални услуги и мобилна комуникација во странство. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, минатиот месец во телевизиско интервју посочи дека домашните обврски треба да бидат завршени до февруари, по што ќе следуваат активности на ниво Македонија–ЕУ и Западен Балкан–ЕУ во насока на договор и лобирање. Покрај усогласувањето со четири европски регулативи преку измените на законот, предвидено е до јули годинава Агенцијата за електронски комуникации да донесе и соодветни подзаконски акти.

Инаку, Северна Македонија од 1 јуни 2021 година е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан. Тоа значи дека граѓаните веќе користат мобилни услуги во земјите од регионот под исти услови како дома, без дополнителни трошоци. Сепак, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно усогласен со европските стандарди. Европската комисија, на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст, одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година, формално најави дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение што ќе овозможи земјите од регионот да се приклучат кон иницијативата „Роаминг како дома“.

Во август 2025 година, Владата ја усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од ЕУ, како дел од Планот за раст за Западен Балкан, заедно со Акциски план за усогласување со европското законодавство. Со Акцискиот план Министерството за дигитална трансформација, во координација со Агенцијата за електронски комуникации, беше задолжено најдоцна до 22 декември 2025 година да подготви детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и европските регулативи, а најдоцна до април 2026 година да изработи соодветни законски и подзаконски решенија врз основа на таа анализа.

Можете да прочитате

Висок водостој на Вардар, Треска и Црна

ЦУК регистрира свлечишта и низа поплавени куќи, подруми и дворови низ цела држава

Кризна состојба во Кичево од поплавите – општината бара помош од Армијата и приватни компании