Утрински Весник
Македонија

Македонец лежи затвор за учество во војната во Украина – РСЕ го посети во „Идризово“

Bojcevski vojna ukraina borec.jpg

37-годишниот Љупчо Бојчевски од Скопје е единствениот Македонец осуден на затворска казна поради „учество во странска војска“ во конфликтот во Украина – тој се борел на руска страна. На судењето изјавил дека се кае за тоа што го сторил, а тоа е забележано и во пресудата. За „Радио Слободна Европа“ во затворот „Идризово“ ја раскажа својата приказна.

Бојчевски е осуден на четири години затвор затоа што македонските власти откриле дека три месеци се борел на боиштата во Украина на страната на Русија. Кривичното дело „учество во странска војска“ е воведено во септември 2014 година за да се спречи заминување на македонски државјани конфликти во Сирија и во други земји од Блискиот Исток. Досега во Македонија имало пресуди само за приклучување кон формации како ИСИС, а овој случај е првиот поврзан со војната во Украина, која почна со руската инвазија врз земјата во 2022 година.


Според РСЕ, има информации за уште еден потврден ваков случај, но тој не завршил со затворска, туку со условна осуда. Државните институции велат дека ова се индивидуални случаи и дека нема организирано регрутирање Македонци за овие боишта.

Официјално, уште на почетокот на војната, Македонија ја оцени руската инвазија како „директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. Нашите власти, минатата и сегашната, ги поддржаа и меѓународните санкции и осуди кон режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

Љупчо Бојчевски е осуден со правосилна пресуда на 13 мај годинава. Тој бил регрутиран преку затворена група на апликацијата „Телеграм“, од страна на Руси. Во пресудата пишува и дека изјавил дека „се чувствува виновен, односно го признава кривичното дело кое му се става на товар со поднесеното обвинение, дека тоа го сторил на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и изрази искрено каење за стореното“.

„Одамна следев што се случува таму, пратев на интернет и на Телеграм бидејќи има повеќе канали преку кои можеш да аплицираш. Пишете само Донбас и милион ќе излезат такви канали. Аплицирав уште во 2021 година и после две години ми ѕвони телефонот, кога гледам – некој руски број. И ми вика: Сакаш да дојдеш да работиш за руското министерство? И прифатив“, вели Бојчевски.

Тој од Скопје до Белград патувал со автобус, од таму со авион до Истанбул, па до Москва, пред да биде упатен на боиштето кај Мариупол. Бојчевски раскажува дека целата организација, од купувањето на билети, па до сместувањето во хотел и трансферот до Мариупол, била на регрутерот, извесен „Муса“.

„Тој е Русин и многу страшен Русин. Тој е од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ). Тој беше страв и трепет. Таму сум видел чуда да прави. Ни полиција му можела нешто, ни армија, никој. Ние кога отидовме таму без документи, од Москва до Мариупол не спровел низ места – да не ти се верува. Какви ти знам, чекпоинти има, контроли триста. И сегде сме поминале без документи“, вели Бојчевски.

Бојчевски на фронтот во Украина не стигнал сам – со него бил и негов другар, скопјанецот Тони Шегмановски. На една од фотографиите од телефоот на Бојчевски кои биле користени како докази на судењето, се гледаат двајцата, а Шегмановски е повреден. Бојчевски за РСЕ вели дека повредата на другарот не била опасна по неговиот живот.

На Шегмановски не му се судело – тој починал откако се вратил во Скопје, а телото му било пронајдено во напуштена куќа во населбата Аеродром. Во одговор од обвинителството се вели дека не се работело за насилна смрт, но од ОЈО не откриваат детали од обдукцијата.

Токму по неговата „мистериозна“ смрт, во неговите лични предмети и телефонот биле пронајдени податоци и сомнежи и за Бојчевски, по што почнала истрагата.

Бојчевски вели дека се борел на руската страна од лични убедувања – „за братскиот народ“. Тој тврди и дека месечно требало да добива 3.000 евра, иако договорот не содржи износ.

„Бев на забрзана обука и веднаш не испратија на фронт“, вели тој, додавајќи дека тој и другарот биле единствените Македонци кои војувале на руска страна во тој реон. Според неговото тврдење, таму не сакале да примаат други борци од Македонија.

„Бевме ротирани на различни задачи, не цело време на фронт. Непријатно е да кажувам во јавност што се сум гледал. Сум видел колеги психопати што прават. Стварно лоши ѕверства, дури непотребни работи“, вели Бојчевски.

Целата сторија прочитајте ја на Радио Слободна Европа.

Можете да прочитате

(Фото-Видео) Скопје во чад и мирис на пластика

Бети Стаменковска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, во Кочани ќе го поддржат Влатко Грозданов

Шукова: Мицкоски живее во паралелен свет каде горењето отпад не загадува