
Иако е јасно дека американските воздушни напади во текот на ноќта го погодија иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордо, подземен објект закопан длабоко во планината, сè уште не е можно да се процени штетата под земја, изјави денеска за Си-Ен-Ен директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Инспекторите на МААЕ, предводени од Гроси, не беа во можност да ги проверат нуклеарните објекти на Иран од првите израелски напади на 13 јуни, а Гроси рече дека се надева дека наскоро ќе можат да се вратат во Фордо и на други локации.
Генералниот директор на МААЕ претходно денеска напиша на „X“ дека, со оглед на итната ситуација во Иран, тој свикува итен состанок на Одборот на гувернери на МААЕ за утре.
МААЕ соопшти дека досега нема зголемување на нивото на зрачење во Иран околу нуклеарните објекти на земјата.
Американските сили бомбардираа три ирански нуклеарни објекти во текот на ноќта, вклучувајќи го и Фордо.
Во меѓувреме, американската вселенска агенција НАСА соопшти дека двапати утрово детектирала извор на топлина во објектот во Фордо, објави Си-Ен-Ен.
Двете „траги од топлина“ наводно биле забележани пред американскиот претседател Доналд Трамп да го објави нападот.
Си-Ен-Ен потсетува дека немало други „траги од топлина“ во близина на објектот Фордо откако Израел го нападна Иран на 13 јуни.