Утрински Весник
Македонија

Мајка на жртва од „Пулс“ му закачи беџ со скршено срце на Мицкоски во Кочани

652267784 1530576118424309 5524777693852891444 n.jpg

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска престојуваше во Кочани за да оддаде почит на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, на денот кога градот ја одбележува најтажната годишнина во својата понова историја.

Во еден од најемотивните моменти за време на одбележувањето, мајката на Надица Наунова, Габриела Наунова, му закачи на реверот на премиерот беџ со симбол на скршено срце, на кој беше испишано „Кочани 16.03.2025“. Гестот беше силен симбол на болката и непрежалената загуба што ја чувствуваат семејствата на жртвите.


Утрово, со една минута молк, точно во 2 часот и 32 минути – моментот кога пред една година избувна пожарот што го потресе Кочани и целата држава – беше оддадена почит на трагично загинатите во дискотеката „Пулс“.

Во атмосфера на длабока тага и достоинство, премиерот Мицкоски се сретна со присутните граѓани и со семејствата на загинатите, споделувајќи ја болката за прерано згаснатите животи.

Тој се потпиша и во книгата на жалост, која беше поставена на маса украсена со бели хризантеми, оставајќи порака на искрено сочувство и поддршка до семејствата на 63-цата млади кои трагично ги загубија животите пред точно една година.

Присуството на премиерот беше израз на солидарност со граѓаните на Кочани во денот на сеќавање на трагедијата што остави длабока рана во македонското општество.

Можете да прочитате

Три лица повредени во сообраќајка во Охрид

Филипче во Кочани: Нема зборови што можат да ја опишат болката и тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили

Мицкоски од Кочани: Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат