Утрински Весник
Македонија

М-НАВ им забрани влез на синдикалците додека вдомува партиски кадри

Mnav 960x533 1.jpg

Во Македонска навигација (М-НАВ) повторно избувна скандал со вработувања, откако раководството не ѝ дозволи на делегирана претставничка од Синдикатот на контролори на летање да присуствува на интервјуата за кандидати по реобјавениот оглас за наводно непотребни работни места, со почетни плати над 1.000 евра пишува сдк.мк

Контролорката, испратена од Синдикатот за да го следи процесот, не била пуштена во просторијата каде што двајца од тројцата директори на М-НАВ ги интервјуирале кандидатите. Наместо тоа, ѝ било кажано дека „може да наслушнува пред врата“, потврди за СДК.мк директорот Владимир Ристески.


„Никој никого не филтрира позади затворени врати. На синдикатите им е објаснето дека може да присуствуваат пред канцеларијата каде се одвиваат интервјуата, со цел да видат дека процесот се одвива согласно записникот од комисијата. Не е дозволено присуство во просторијата поради можноста кандидатите да изнесуваат лични информации“, изјави Ристески, оправдувајќи го недозволувањето на присуството во просторијата.

Но, според Синдикатот, со ваквото постапување повторно е прекршен Колективниот договор, како и при првиот оглас објавен во јули. Тогаш, без надзор на синдикатот, беа вработени неколку лица поврзани со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и потпретседателот на УМС, сопруг на директорка на Централниот регистер, сопруга на осуден за нападот на Собранието на 27 април, и други.

„Колешката доби порака да дојде како набљудувач, а кога отиде, директорот Фатмир Зимбери ѝ кажал дека не може да влезе. Се јави кај нас, ѝ рековме да не седи пред врата и да си замине. Ова е класично кршење на Колективниот договор“, изјави Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање.

Огласот кој беше реобјавен на 16 јули се однесува на три позиции: „оператор за трансмисија на податоци и авторизација и надзор на летови“, „студент ВИ“ и „самостоен советник“. Синдикатот смета дека овие работни места се целосно измислени и непотребни, додека во исто време постои сериозен недостиг на контролори на летање, инженери, метеоролози и други стручно квалификувани кадри од областа на воздушната навигација.

Постои сомнеж дека огласот бил повторно објавен само за да се овозможи вработување на конкретни лица, откако на првиот обид не успеале да ги примат поради формални недостатоци. Во еден случај, кандидат бил одбиен затоа што не знаел англиски, иако работната позиција формално го бара тој услов.

Синдикатот најавува дека повторно ќе го пријави случајот во Државниот инспекторат за труд и ќе бара поништување на огласот, кој, според нив, претставува злоупотреба на институционалната моќ за вдомување на партиски кадри, на штета на безбедноста на патниците и нормалното функционирање на М-НАВ.

Можете да прочитате

Краток летен здив за политичарите: Мицкоски во Хрватска, Муцунски во Турција, а Сиљановска активна во Охрид

Забраната за движење во шуми продолжена до крајот на август

ВМРО-ДПМНЕ: ХС Ѓавато беше запуштен од СДС, работиме на санирање на штетите и тој сега функционира