Пратеникот Антонијо Милошоски не гo коментира документoт што беше објавен, а покажува дека бил осуден во Германија за кражба и измама.
Од владејачкиот СДСМ утрово порачаа дека Милошоски за овој скандал треба да поднесе оставка и да се извини, особено што против него и пред домашните судови се води предмет каде се сомничи дека сторил измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
СДСМ велат дека пратеник кој е осуден за кражба, злоупотреба и измама не е достоен да ги претставува граѓаните во Парламентот.
Документите кои А1он ги објави пред неколку дена покажуваат дека Милошоски е осуден во Германија во Основниот суд во Ахен, во 2004/2005 година, за дело кое во тамошниот правен систем е заведено како „добивање придобивки“. Во нашиот систем, делото е заведено „Опис на прекршокот: Добивање придобивки. Применета регулатива: STGB 265A ABS. 1 ( добивање придобивки со измама) в.в. 248 А. (кражба и злоупотреба од мала вредност). 20 дневни глоби со парична казна од 20.000 евра“, стои во описот на документот. Девет месеци подоцна, односно во август 2006 година, Милошоски беше назначен за министер за надворешни работи во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.