Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Ракавиците може да дадат погрешно чувство на сигурност, затоа, миењето раце е подобра превентивна мерка за инфекција отколку носењето на ракавици за еднократна употреба, се наведува во заедничкиот водич за Ковид-19 и безбедноста на храната кој го подготвија Светската здравствена организација (СЗО) и Организација за земјоделство и храна (ФАО), а е наменет за компаниите кои работат со храна, производство и промет на храна.
Во водичот се посочува дека работниците во тие компании може да користат ракавици за еднократна употреба, но мора често да ги менуваат.
– Тие не се замена за мењето раце кое треба да го прават при секоја промена на ракавиците. Миењето раце е неопходно и кога отвораат или затвораат врати, кога ги празнат корпите за отпадоци, се посочува во водичот.
Се истакнува дека ракавиците за еднократна употреба не треба да се користат како замена за миење раце.
– Вирусот Ковид-19 може да ги загади ракавиците за еднократна употреба на ист начин како што опстанува и на рацете на работниците. Отстранувањето на ракавиците за еднократна употреба може да доведе до загадување на рацете со вирусот. Носењето ракавици за еднократна употреба може да даде погрешно чувство на сигурност и може да резултира со недоволно често миење на рацете на персоналот, пишува во водичот.см/са/