Утрински Весник
Македонија

„Луке, собери си ги кучињата!“ – Арсовска во жесток судир со советниците на Град Скопје

Img 0250.jpeg

На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која требаше да се расправа за проблемот со дивоградбите во општина Чаир, повторно избија остри политички тензии, а седницата заврши без усвоен дневен ред и без одржување на суштинска расправа. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, имаше бурно обраќање пред советниците, при што упати сериозни обвинувања за фалсификати во документи поврзани со узурпација на јавен простор, за кои директно го посочи градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Според Арсовска, документите кои ги доставила до Советот, содржат два фалсификувани потписи од Ганиу, а се однесуваат на предмети за бесправно градење и узурпација на јавен простор на територијата на општина Чаир. Таа рече дека има конкретни докази за овие неправилности и побара од Советот да отвори дискусија и да преземе соодветни мерки.


Но, нејзиниот настап беше постојано прекинуван од дел од советниците, кои реагираа на нејзиниот тон и содржината на обвинувањата. Во еден момент, Арсовска остро возврати со зборовите:
„Соберете си ги кучињата да не лаат“, алудирајќи на постојаните дофрлувања и коментари од советничките клупи. Таа продолжи со:
„Тука се оштетува Градот Скопје. За сите општини ќе вадиме, имаме анализа за сите. Што се возбудувате? Вакво невоспитување не сум видела, не можам да ја довршам реченицата. Луке, собери си ги кучињата. Собери си ги да не лаат, срамота е ова. Ова вака во Влада правите? Вака водите држава? Со вас тука… цел народ може да види со што си имаме работа. Со жив штит ги штитите криминалите. Ние 3 години го ловиме Висар Ганиу.“

Овие зборови предизвикаа жестока реакција од страна на советниците, особено од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа веднаш да ѝ се одземе зборот, обвинувајќи ја за навредлив и непримерен речник. Дел од нив ја напуштија салата, а атмосферата во салата се вжешти до таа мера што беше побарано седницата целосно да се прекине.

Советот не успеа да го усвои дневниот ред, по што седницата и формално беше прекината без да се отвори дискусијата за точката за која беше свикана – справување со дивоградбите во Чаир и евентуалната улога на локалната власт во тие процеси.

Овој настан е уште еден доказ за длабоката политичка поделеност во Советот на Град Скопје и тешкотиите при водење институционален дијалог за чувствителни прашања, како што се урбанистичкото уредување и законитоста на одлуките на локалните самоуправи.

И покрај бурната седница, засега не е најавен нов термин за продолжување на расправата по оваа точка. Од кабинетот на градоначалничката и понатаму инсистираат дека имаат конкретни докази за фалсификати и незаконити постапки, додека од општина Чаир и советничките групи кои ја поддржуваат локалната власт, најавуваат демант и правна реакција на, како што велат, политички мотивирани конструкции.

Можете да прочитате

Апел за помош за Лидија од Битола, 24 години борба, 6 години неподвижност

Мисајловски: Со зајакнување на економијата ќе можеме да издвојуваме повеќе и за одбраната

НП Шар Планина со нова мерка: Електрични огради за заштита од мечки и волци