Украинскиот претседател Володимир Зеленски, конечно, сфати дека нема да победи, изјави претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, и затоа, како што рече, Зеленски сега презема одредени напори за излез од таа ситуација.
Зеленски сфати дека контраофанзивата нема да заврши со ништо друго, освен со смрт на илјадници и илјадници луѓе, а сега почна полека да го изразува своето незадоволство во разговорот со оние што првично ја турнаа Украина во конфликт. Пред сè, Зеленски зборува за финансиите и за испораката на оружје.
Лукашенко денеска изјави и дека и тој верува оти Киев, најверојатно, ќе се обиде да постигне некои поконкретни успеси на фронтот до самитот на НАТО на 11 и 12 јули имајќи предвид колку многу Киев сака да ѝ се приклучи на алијансата.
Сепак, лидерот на Белорусија истакна дека верува оти има уште простор за преговори, иако, како што вели, по офанзивата, Москва можеби нема да сака да разговара.
„Позицијата на претседателот на Русија е сè уште силна, неодамнешните настани – обидот за вооружен бунт, не успеаја да го ослабат неговото влијание во Русија“, рече Лукашенко.
„Немојте ни да се надевате на тоа. Немаше двоумење. Немаше слабеење. Путин си ја вршеше работата“, коментира тој.
Во исто време лидерот денеска откри дека Минск е подготвен да испрати специјални сили во Москва за да ја заштити руската престолнина заедно со Путин доколку има потреба од тоа. Сè беше подготвено за заминување, се договоривме со Русите, бидејќи разбравме дека ако има хаос во Русија, ќе има закана и за нас, рече тој.
Претседателот на Белорусија се осврна и на нуклеарното оружје што треба да пристигне од Русија и рече дека одреден број нуклеарни бојни глави веќе се пристигнати во Белорусија.
Сепак, Минск, како што уверува, не планира да нападне никого со ова оружје. Нападот е планиран само доколку некој изврши агресија врз Белорусија.
Претседателот тврди и дека верува оти специјалната воена операција нема да биде причина за почнување нуклеарна војна.
„Но, доколку дојде до агресија на НАТО против Белорусија или Русија, ако некој навлезе на наша територија, тоа може да се случи – ќе ни се одврзат рацете“, вели Лукашенко.