Утрински Весник
Македонија

Локализиран пожарот во Крива Паланка

Image 2025 07 09 212111803.png

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, информира дека големите пожари во градот се локализирани, но сѐуште постои опасност од разгорување на истите.

-Позади нас е еден исклучително тежок ден, ден кој ја стави на тест нашата издржливост и солидарност. Сакам да ве информирам дека пожарот во Крива Паланка е локализиран. Ова е првата и најважна вест што сакам да ја споделам. Сепак, морам да нагласам дека опасноста од негово повторно проширување сè уште постои, особено на критичните точки. Нашите екипи остануваат на терен и будно ја следат состојбата. Благодарение на натчовечките напори на сите инволвирани, успеавме да ја ставиме ситуацијата под контрола. Успеавме да спречиме нешто што можеше да има катастрофални последици: спречено е опожарување на комплексот фабрики во населбата Карпош, како и на неколку авто плацеви. Тоа беше една од нашите главни приоритети и сум исклучително горд што успеавме во тоа, рече Митовски.


Упати благодарност до сите граѓани на Општина Крива Паланка кои беспоштедно се вклучија во борбата со огнената стихија.

-Вашата храброст и пожртвуваност беа клучни во овие моменти. Ова е доказ за нашата сплотеност и солидарност, нешто на што секогаш сум бил и ќе бидам горд. Посебна благодарност упатувам и до противпожарните екипи и градоначалниците на Ќустендил, кој и физички беше овде во Крива Паланка, Струмица и Пробиштип за нивната брза и несебична помош. Без нивната поддршка и ангажман, прашање е каков ќе беше овој ден. Нивната соработка беше од непроценливо значење и покажува колку е важна регионалната солидарност.За жал, во овој тежок ден, имаме и тажна вест. Во пожарот имаме и една жртва. Длабоко жалам за загубата на животот. Надлежните институции веќе работат на утврдување на сите околности околу овој трагичен настан. Во име на целата Општина, изразувам длабоко сочувство до семејството на починатиот, додаде Митовски.

Апелира до сите граѓани да останат внимателни и да ги следат сите упатства од надлежните служби, бидејќи опасноста сè уште не е целосно мината.

– Ќе ве информираме за секој нареден развој на настаните, заврши Митовски.

Можете да прочитате

Нов пожар кај Смилковско Езеро – прекинат сообраќајот

Јавноста шокирана: Дете врзано со јажиња – МВР преземаат мерки

Владата задоцни, народот сам гаси, Димитриевиќ од Дојран со жестока критика