Утрински Весник
Македонија

Лидл започна со работа во земјава со вкупна вредност од 80 милиони евра

Img 8246

Лидл денеска ја претстави својата најголема инвестиција во Северна Македонија, логистичкиот центар во близина на Куманово. Ова досега е највредна инвестиција на Лидл во земјава со вкупна вредност од 80 милиони евра, којашто ќе отвори повеќе од 150 работни места.
Според планот на компанијата изградбата на логистичкиот центар да започне во следниот период, додека во моментов се одвива тендерската фаза за избор на генерален изведувач.

Претставниците на Лидл изразувајќи ја својата благодарност кон општината и владата за поддршката во целиот процес на реализација на оваа инвестиција, испратија порака за среќа и успех на проектот преку симболичен гест на поставување на временска капсула во темелите на објектот.
„Денеска ја претставуваме нашата најголема инвестиција во Северна Македонија, нашиот логистичкиот центар. Лидл Северна Македонија е дел од меѓународното семејство на Лидл и овде, заедно со нашиот тим, кој во моментов брои повеќе од 100 вработени, сакаме да го имплементираме искуството што го стекнавме во повеќе од 30 земји со ист стандард и ист квалитет. Ќе инвестираме околу 80 милиони евра само во изградба на логистичкиот центар за да создадеме модерен и одржлив објект, според најновите градежни стандарди. Лидл е одговорен, сигурен и фер партнер и за купувачите и за своите добавувачи. Дел од нашата корпоративна политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители“ изјави Рубријан Хаџиев, генерален директор на Лидл Северна Македонија.

Парцелата во Куманово опфаќа површина од 170 997 метри квадратни, вклучувајќи логистички центар од 63 000 метри квадратни и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура. Конструиран според современи технологии и приспособен за ефикасно работење во голем обем, логистичкиот центар ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на операциите. Логистичкиот центар дополнително ќе биде пример за одржливо и еколошко работење, ќе користи електрична енергија од обновливи извори на енергија и ќе биде опремен со фотоволтаични елементи кои генерираат вкупна моќност од приближно 1,7 MW. Дополнително, за затворање на покривот ќе се користи материјал од рециклиран отпад, а внатре ќе се постави енергетски ефикасно LED осветлување. Објектот ќе се загрева со отпадна топлина од системот за ладење и целиот генериран отпад ќе се рециклира.

Покрај претставниците на Лидл, на настанот беа присутни и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

За премиерот Ковачевски, работењето на Лидл на македонскиот пазар значи потврда за вредноста и капацитетите на овој пазар и ја стимулира националната економија. „Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, Лидл планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари. Квалитетот на Лидл успешно се градеше во изминатите 50 години и денес мрежата на овој познат трговски ланец е распространета во повеќе од 30 земји во светот и со над 12000 маркети. Лидл не е само обичен ланец на супермаркети, туку изграден бренд чии маркети во регионот се посетени и од многу наши граѓани бидејќи добиваат висок квалитет за поволна цена. Ние создадовме услови ова да го овозможиме дома“, нагласи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Можете да прочитате

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани