
Соопштение за јавност на Левица:
Додека скопјани очекуваат функционални јавни претпријатија, а граѓаните, во најмала рака, власт која ќе расчисти и ќе ги изнесе пред лицето на правдата кадрите за коишто ВМРО-ДПМНЕ во опозиција обелоденувала скандали – се случува токму спротивното.
Имено, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за в.д. директор на ЈП „Градски Паркинг” повторно го постави Владимир Кроневски од партијата на Павле Трајанов – човек кој како директор токму на ова претпријатие, во 2022 година беше во центарот на афери и сериозни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, од истата партија што денес го враќа назад на директорската функција.
Да потсетиме, токму ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции го обвинуваше Кроневски за злоупотреби и неосновано делење бесплатни паркинг-привилегии за стотици функционери од тогашната власт. Според нивните тогашни тврдења, најмалку 400 возила, колку цела катна гаража, имале посебен третман, додека граѓаните редовно плаќале за секој час паркирање.
Денес, истиот овој човек, со истото портфолио и без никаква санкција за изнесените злоупотреби – повторно е поставен за директор од истата таа партија која пред четири години го разобличуваше на пресови.
Скандал околу Кроневски имаше обелоденето и Левица. Имено, за време на неговото раководење со ЈП „Градски паркинг”, тој доделил 20 тендери во износ од над 2,6 милиони евра на компанија каде неговиот брат е извршен директор и ко-сопственик.
Бидејќи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во 2022 година ги повикуваше медиумите и новинарите да направат сторија за Кроневски, денес ние ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ да објаснат како истиот човек кој тогаш беше симбол на злоупотреби, одеднаш стана нивен повторно избран „професионален” кадар?!
Нека објаснат како од скандал се стигнува до повторно директорување и како „една катна гаража бесплатни привилегии” магично се претвора во препорака за нов директорски мандат?! Дали можеби им се допаднала шемата на Кроневски за бесплатен паркинг за функционери од власта, па сакаат и тие да ја искусат и надоградат?
Ваквото именување повторно го демонстрира континуитетот на клиентелизмот и меѓупартиските дилови во кои јавните претпријатија се третираат како плен, а не како сервис за граѓаните. Наместо ветената професионализација, ред и реформирање, добиваме рециклирани криминални партиски кадри и договори зад затворени врати.

